Тамара се моли пред Ѕидот на плачот во Ерусалим за победа на Евровизија

Македонската претставничка на овогодинешното издание на Евровизија во Израел, Тамара Тодевска, веќе недела и половина се наоѓа во Тел Авив и се подготвува за својот настап на втората полуфинална вечер од фестивалот која ќе се одржи утре, во четврток со почеток од 21 часот.

Тамара со својата екипа меѓу другото, вчера беше во посета на светиот град Ерусалим каде што запали свеќа за здравје и среќа, а исто така се помоли и остави порака со желби и молитва на Ѕидот на плачот.

„Во секој случај сум превозбудена. Еве, само што се вратив од плажа, бев малку да соберам убава енергија. Многу сум среќна дека вчера ми дојдоа доста луѓе од Скопје, меѓу нив и моите најблиски другарки, онака, ми се наполни душата. Многу ми е жал што Тијана не е тука. Убава енергија имаме сите, презадоволни сме од сѐ и опуштени сме, тоа е најбитно. Вечерва е многу битна таа генерална проба, за жирито кое што денеска ќе гласа, а тоа се 50 проценти од гласовите. Како и да е, среќна сум многу. Бев во Ерусалим вчера, собрав среќа од таму“, изјави Тамара за Женски магазин, која утре ќе пее 17. по ред.