Порака до делегатите на ВМРО-ДПМНЕ

Порака до делегатите на ВМРО-ДПМНЕ

Во пресрет на Конвенцијата во Струга, на која делегатите на ВМРО-ДПМНЕ ќе изберат претседателски кандидат би сакал да споделам неколку мои размислувања за кои сметам дека се важни за изборот кој го очекуваме. Најпрвин да изразам почит кон сите девет кандидати, нивниот капацитет и волја, и сето она што опсежно беше елаборирано а претставува достигнување во нивните кариери.Во овие последни часови до Конвенцијата би сакал да им порачам на делегатите, нашите браќа и сестри, дека моето длабоко уверување но и според мене на огромен дел од членството е дека Владимир Ѓорчев претставува најдобар избор за кандидат за претседател на Република Македонија(никогаш северна).Оваа позиција е заснована на тоа што Македонија, македонскиот народ и сите граѓани, во ова кризно време, во услови на тотално нарушен правен поредок во кој царува самоволието и деструктивноста на власта предводена од Зоран Заев има потреба од претседател кој ќе ја врати сувереноста на граѓаните на Република Македонија.

Претседателот кој освен што на домашен терен ќе ги брани Уставот и законите, ќе биде клучен и во обликувањето на надворешната политика., ќе креира капацитети за успешно и навремено антиципирање на сите промени и поместувања на меѓународната сцена, се со цел донесување на одлуки соодветни на реалноста и секогаш компатибилни со националните интереси. Неговата позиција ќе биде многу поразлична од професорскиот комодитет да дебатира на тркалезни маси, да образложува и дели правни лекции, да критикува и поставува дилеми за работи за кои воедно е потребна и одлучност и иницијатива. Потребен ни е неконвенционален претседател кој нема секој втор ден да ја оправдува својата неактивност, од народот перцепирана како индиферентност, со тоа што се работело исклучиво во рамките на Уставот и законите, туку соодветно на условите ќе отвора нови перспективи, за кои често ќе бидат потребни активности надвор од рамките на претседателските ингеренции. Институција која ќе функционира без прекин, без повлекувања во сопствениот кабинет додека реалната политика ја поставува сцената во која Македонија како до сега главно беше на менито и имаше улога на жртва.

Претседател кој ќе проектира обединувачка политика во македонското општество.Ќе воведе нов пристап од кој ќе резултира нова кохезиона енергија што ќе го поттикне вреднувањето на заедничкиот живот, во еден дом кој го нема на друго место, дом кој се вика Македонија.Сите да бидеме среќни што сме дел од таа македонска приказна.Со гордост да се раскажува дека позади нас има векови заедништво и дека нема ништо поблиско од оние со кои го делиш животот во добро и во лошо. Без релативизирање на разликите со цел униформирање, туку напротив со нивно истакнување како нешто позитивно.

Новиот претседател кој ќе креира политика која ќе ги постави условите за развој на државата и воедно со сите расположливи средства ќе пркоси на новонастаната реалност во која Република Македонија, како резултат на договорот помеѓу Димитров и Коѕијас, дома и во меѓународните односи ќе биде претставувана со наметнатото име(Република Северна Македонија) кое беше масовно отфрлено од македонските граѓани. Претседателот кој со едната нога ќе биде дома а со другата во најголемите центри каде што се креираат главните политички процеси во светот.Претседател кој што почесто битката ќе ја префрла од правен на политички терен, каде ќе го бараме решавањето на нашите проблеми.Секогаш треба да ги користиме правните аргументи со нас, да ги истакнуваме во секоја прилика сите прекршувања на Уставот, законите и меѓународното право, да се потсетува и на сите злоупотреби на актуелната извршна, судска и законодавна власт, но мора исто така сето тоа да биде во рамки на една сеопфатна политика која ќе биде заснована на една долгорочна стратегија. Личност што ќе биде спремна да ги истрпи сите удари и сопки, без предрасуди и повредена суета да комуницира, дури и со оние кои на најбезобразен начин ќе се обидат да го оспорат функционирањето на институцијата.

Како изминува кампањата се поочигледно станува дека изборот на Конвенцијата ќе биде помеѓу политиката на статус-кво позиција, која подразбира бесцелно ламентирање на сопствената судбина, политика сведена на секојдневни апели за почитување на правото, експертски елаборирани поплаки за кршење на Уставот и законите без некого посебно да засегне, повици за помош до меѓународната јавност која одамна не постои, барање на правда каде што ја нема додека не газат по сите основи, инсистирање на разумот кое може само да побуди цинизам кај некого од власта и слично и скоро ништо друго, а со резултатите за Македонија во дебел минус, или пак започнување на една нова, про-активна политика што ќе ни овозможи излез од оваа неповолна ситуација. Избор помеѓу политика која само како средство го користи правото кое нели е безгрешно и секогаш на наша страна, кое на крајот на денот ги добива сите честитки(Браво професори,убаво им кажавте!) но редуциран пристап кој уште повеќе не глави во сопствената кал на сожалување и резигнираност, или пак политика која ќе ни ја поврати силата со која ќе можеме да создадеме услови за нова преродба на Македонија, но овој пат со јасна национална стратегија.

Постои една тенденција во целиот овој период да се покаже дека во ВМРО-ДПМНЕ недостасува интелектуална длабочина и капацитет за обединување, па затоа е потребна поширока мобилизација од страна, која ќе го надомести тој сериозен хендикеп на партијата. Воопшто не се согласувам со оваа констатација и најмалку што ни треба сега е уште едно потхранување на некаква интелектуална исклучивост и инсистирање на ексклузивитет на и онака премногу вообразената и корумпирана интелектуална елита во државата. Со голема почит кон кандидатите но, поддршката за неколку, произлегува од презирот кој некои од надвор го имаат кон ВМРО-ДПМНЕ, и ја доживуваат како дел од партискиот фолклор кој го карактеризира ограниченост и бескруполозна борба за власт.. Факт е дека новиот претседател го очекува пекол, уште првиот ден ќе влезе во жестока битка, така да далеку е Македонија од тоа да егзистира во нормални услови, кога би можеле да бираме за претседатели, угледни општественици, пред пензионирање.

Изборот за претседателски кандидат е историска шанса да направиме пресврт и од хаотична одбрана да преминеме во организиран напад. Имаме кандидат на кој ако му дадеме поддршка истата ќе претставува поддршка за национално обединување, поддршка за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ мора прва да застане во одбраната на националните интереси, да биде главниот експонент на вистинските вредности, какви и да бидат потресите во иднина. Не смееме несигурноста во овој момент да ја бајпасираме со наводно општествено прифатливо решение. Мора да излеземе со наш кандидат кој ќе ги обедини сите. Таков кандидат имаме, тоа е Владимир Ѓорчев. Само треба да се запрашаме кој е Владимир Ѓорчев.Секој знае дека тој е еден од нас, тој е со народот, од секогаш бил и ќе остане. Таков претседател и треба на Македонија.

Да победиме заедно!

Да живее Република Македонија!
Дејан Ристов-политиколог

секретар на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Куманово 2014-2018

Претседател на Комисија за односи со невладини организации и граѓански иницијативи на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Куманов