Милчин: Ако (ни) го сменат името, јас ќе појдам в планина и ќе се борам со герилата!

IF THEY CHANGE THE NAME, I WILL GO TO THE MOUNTAINS AND FIGHT WITH THE GUERILLAS!

“If they change the name, I will go to the mountains and fight with the guerillas!” или на македонски: Ако (ни) го сменат името, јас ќе појдам в планина и ќе се борам со герилата! Ова беше одговорoт на Владимир Милчин на прашањето на американската новинарка Кони Брук што ќе направи Владимир Милчин доколку го сменат името на државата. Новинарката за време на грчкото ембарго деведесеттите години престојуваше во Грција и Македонија и потоа објави жестока статија против Сорос во угледниот неделник Newyorker поради неговата поддршка на Република Македонија. Во статијата е цитиран и мојот одговор.
За љубопитните и неверните Томчиња, ако им треба проверка, новинарката се вика Connie Bruck, а статијата има наслов “The World According To Soros”.
Новинарката не ги извртела моите зборови, ги цитирала речиси апсолутно прецизно, но подлажала каде се случило тоа. Напишала дека тоа се случило во канцеларијата на премиерот Црвенковски каде што тој и јас, така вели таа, сме инсистирале дека за името не се преговара. Да, таа беше кај Црвенковски и тој веројатно го кажал тоа, но мојата реченица јас ја изговорив во присуство на д-р Иван Тулевски, во ресторанот “Прљаво казалиште” во кој разговаравме со новинарката како луѓе од граѓанското општество.
Така зборував јас пред 24 години. И не за по дома. Тогаш во нашето соседство имаше само една земја членка на НАТО и ЕУ. Тоа беше Грција. Денес има четири земји членки на НАТО (Грција, Бугарија, Црна Гора и Албанија), две земји членки на ЕУ (Грција и Бугарија), а има и една нова држава – Косово.
П.С. Сорос не ме отпушти поради изјавата, како што очекуваа мнозина. Кога се видовме (го имаше неделникот в рака) ми рече: И јас би го рекол истото!