Ако ги имате овие бебешки лежалки веднаш фрлете ги! САД ги повлече од употреба

Милиони лежалки за бебиња на производителот „Фишер-Прајс” се повлечени од пазарот по смртта на повеќе десетици новороденчиња, соопшти американската Комисија за безбедност на потрошувачите (ЦПСЦ).

– Смртта на бебињата се случи во лежалките Рок енд Плеј, откако новороденчињата се вртеле на стомак или странично додека не биле под надзор, или, пак, во други околности, наведува Комисијата во своето соопштение.

Повлечени се околу 4,7 милиони производи. Американската педијатриска академија, исто така, побара сите производи да се повлечат од пазарот.

Најмалку 32 бебиња починале во тие лежалки од 2009 година, тврди Комисијата.

„Фишер-Прајс” истакна дека доброволно ги повлекува „сите примероци” на производот „во партнерство” со ЦПСЦ.

– Иако и понатаму ја гарантираме безбедноста на сите наши производи, имајќи ги предвид пријавените инциденти во кои производот се користел спротивно на безбедносните предупредувања и упатства, одлучивме дека доброволното повлекување е најдобар начин на дејствување, соопшти компанијата.