Исповед на една Македонка: Бебето немаше срцева реакција, отидов манастир почувствував болка и се случи чудо

Имав преголема желба да останам бремена. Ми доцнеше 7 дена, зедов тест и беше позитивен. Закажав преглед кај д-р A. K., мојот матичен гинеколог во Кочани. Отидов на закажаниот преглед и најпрвин не покажуваше бременост, се договоривме за една недела пак да направиме преглед, бидејќи и да беше тестот позитивен, тоа беше рана бременост.

По една недела отидов (поточно во среда) кај докторката, ме прегледа и рече дека плодот не е добро оформен и дека нема срцева акција. Бев преплашена, не ќе можев да издржам уште еден прекин на бременоста. Докторката ме препрати кај уште еден доктор во Делчево заради поголема сигурност во дијагнозата, и тој доктор го потврди истото во однос на бебето. Му дадоа една недела шанса на плодот, а јас си дојдов, повеќе не знаев на кого да се обратам и во што да верувам.

Се молев на Бога дење и ноќе да биде сѐ во ред со моето бебе. Така седејќи дома, сѐ нешто ме тераше да отидам и да го посетам Лесновскиот Манастир.

Лесново – никогаш претходно немав отидено таму, отидов за првпат, си запалив свеќа, го замолив отецот да ми чита молитва за здравје покрај кивотот со моштите на светиот Гаврил Светогорец. За време на молитвата одеднаш почувствував силни болки во пределот на стомакот и солзи кои не запираат на моето лице, како некое чудо да влезе во мене.

Си отидов дома и наредниот ден почнав да чувствувам гадење и лошење, како што е нормално во раната бременост. На наредниот преглед кога докоторката ме прегледа, беше изненадена и многу зачудена, бидејќи плодот беше целосно оформен и со нормална срцева акција (да напомнам дека плодот на првиот преглед беше во 6-та недела без срцева акција, а после една недела плодот пак покажуваше дека е во 6-та недела со срцева акција и оформен, како таа недела воопшто и да не постоела). Докторката ме праша што се случило со мене, па тогаш ѝ раскажав за посетата на Лесновскиот манастир и за сѐ што таму се случи. Таа потврди дека е ова вистинско Божјо чудо и дека тоа бебе оживеало таму во манастирот.

Божјо чудо, за кое само Он го може тоа, бидејќи како Господ Бог – никој не е. Никој не може да ни помогне и да ни даде колку што може Он.

Сега сум веќе во седмиот месец од бременоста и сум многу радосна што со бебето е сѐ во ред и нормално расне и се развива. Чудото го споделив и го кажав на монасите во Лесновскиот манастир, кои ме поттикнаа да го запишам и споделам за утеха и поткрепа на многу идни мајки.

Ти благодарам, Господи, што секогаш си со мене и со моето семејство. Амин.

Текстот е превземен од фејбук статус на Ирена Милчева.

извор zase.mk